Gültekin Yetgin
22 Октомври 2018•Ажурирај: 24 Октомври 2018
ГИРЕСУН (АА) - Црноморскиот регион во Турција е познат по своите природни убавини. Езерата, водопадите и реките го одземаат здивот со својата убавина во текот на целата година, но сепак посебен шарм имаат наесен, пишува Anadolu Agency (AA).
Мави Ѓол, во превод Сино Езеро, е сместено во турската област Гиресун, како и паркот на природата „Кузуалан“, кои на посетителите секогаш им нудат величествен поглед.
Паркот на природата „Кузуалан“, кој се простира на површина од 482 хектари, е познат по езерцата, водопадите, шумата и седиментните карпи. Освен тоа, богат е и со извори на минерална вода која изобилува со железо и сулфур.
Истовремено, во него може да се сретнат 129 видови билки, од 60 семејства, како и 154 видови рбетници.
Синото Езеро името го добило по седиментните карпи формирани од водата богата со минерали. Кога снегот ќе се стопи, од јуни езерото добива тиркизна боја на водата, која се задржува до следната зима, односно до декември.

Токму од овие причини, паркот на природата и околината на езерото стануваат единствен спој на сите бои по кои е препознатлива есента. Црвената, жолтата и зелената боја на шумата се преточуваат во тиркизната боја на езерото, нудејќи единствена и спектакуларна глетка за посетителите, особено за фотографите.
Локалните власти работат на подобрување на инфраструктурата и приодите до паркот и езерото, со мостови како и со тераси кои нудат спектакуларен поглед. Планирано е и проширување на просторот за паркинг, како и изградба на угостителски објекти. Првата фаза од работите треба да биде завршена до крајот на месецот.
Еден од посетителите на паркот е и Мехмет Озтурк, кој рече дека езерото поседува уникатна убавина.

Додаде дека езерото го видел на фотографии на социјалните мрежи и решил да го посети.
„Црноморскиот регион е нешто посебно. Ова подрачје во текот на есента е нешто посебно. Лисјата паѓаат... бојата на лисјата на дрвјата е навистина преубава“, рече Озтурк.
Од убавините на езерото е воодушевена и Тугба Јилдирим.
„Водата со сина боја и лисјата во есенски тонови нудат нешто незаборавно. Тешко е да се најдат места со ваква убавина што толку многу го опуштаат човека“, рече Јилдирим.