Erdoğan Çağatay Zontur
27 Јули 2020•Ажурирај: 27 Јули 2020
АНКАРА (АА) - Турција го поздрави консензусот во рамките на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) за постигнувањето сеопфатен и траен прекин на огнот во источна Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Го поздравуваме договорот постигнат од трилатералната контактна група на ОБСЕ за дополнителните мерки на зајакнување за воспоставувањето прекин на огнот во источна Украина од 27 јули 2020 година“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Турција.
„Очекуваме сите релевантни страни да дејствуваат во согласност со овој договор“, се додава.
Од Министерството порачаа дека Турција продолжува со поддршката на напорите насочени кон обезбедување мир во регионот врз база на зачувување на територијалниот интегритет на Украина и имплементацијата на Договорите од Минск.
Договорот од Минск е потпишан во 2015 година од лидерите на Украина, Русија, Франција и Германија и надгледуван од ОБСЕ, со цел запирање на непријателствата во источна Украина.
Москва и Киев се во конфликт од 2014 година, кога Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим, потег нашироко сметан за нелегален, вклучително и од Турција и Генералното собрание на ОН.
Украина го обвинува Кремљ и за сепаратистичките судири во Донбас, источниот дел на Украина, во близина на границата со Русија, во кои загинаа околу 13.000 лица.