Турција

Турција го одбележува Денот на националниот суверенитет и Денот на детето

Во текот на денот низ Турција преку низа манифестации ќе биде одбележан празникот, а централната манифестација се одржува во главниот град Анкара

Mehmet Tosun  | 23.04.2019 - Обновена : 24.04.2019
Турција го одбележува Денот на националниот суверенитет и Денот на детето

АНКАРА (АА) - Во Турција денеска се одбележува националниот празник Денот на националниот суверенитет и Денот на детето, а воедно и 99 години од основањето на Големото народно собрание на Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

По тој повод, претседателот на Големото народно собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, предводеше делегација од официјални претставници во посета на мавзолејот на Ататурк „Аниткабир“ во Анкара.

Покрај Шентоп, мавзолејот го посетија и турскиот потпретседател Фуат Октај, турскиот министер за образование, Зија Селчук, како и бројни други министери и официјални лица. Во посета на „Аниткабир“ денеска беа и лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP) Кемал Киличдароглу, лидерот на опозициската Национална народна партија (MHP), Девлет Бахчели, лидерката на Партијата ИЈИ (IYI), Мерал Акшенер.

Со интонирањето на химната и со положување венец на „Аниткабир“, оддадена е почест на основачот на современата турска држава и нејзиниот прв претседател Кемал Ататурк. Во текот на церемонијата, пред мавзолејот на Ататурк беа присутни и голем број деца од Турција, но и од многу други држави.

Во текот на денот низ Турција преку низа манифестации ќе биде продолжено одбележувањето на празникот, а централната манифестација се одржува во главниот град Анкара.

Државниот празник Денот на националниот суверенитет и Денот на детето се одбележува на 23 април, на денот кога во 1920 година е отворено Големото народно собрание на Турција. Овој датум се одбележува со присуството на деца од сите краеви на светот.

На денешен ден 1924 година одлучено е денот на основањето на Големото народно собрание да се одбележува како државен празник. Пет години подоцна, на 23 април 1929 година тој празник им е подарен на децата. Од 1929 година се одбележува како Ден на националниот суверенитет и како Ден на детето.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.