Mustafa Güngör
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ИЗМИР (АА) - Турската полиција спроведува уште една голема операција за приведување на лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, а од 110 лица што се бараат со налог, од слобода се лишени 89 осомничени, јавува Агенција Анадолија (AA).
Врз база на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во рамките на Турските вооружени сили, поточно во рамките на Командата на Воздухопловните сили и Командата на Крајбрежната стража, Обвинителството во Измир издаде налог за приведување на вкупно 110 осомничени лица за кои е утврдено дека користеле тајни и паралелни системи за комуникација во Турските вооружени сили.
Меѓу осомничените има 105 војници во активна служба. Меѓу 98-те осомничени припадници на Воздухопловните сили на Турција има и 16 воени пилоти, меѓу кои и четворица пилоти на воените авиони „Ф-16“.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, турската полиција започна симултани акции за приведување во 25 области во земјата, а досега од слобода се лишени 89 осомничени.
Приведените им се предадени на надлежните правосудни институции на понатамошно процесуирање, а полициската потрага по останатите 21 осомничен е во тек.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта, на 15 јули, 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.