Behlül Çetinkaya
12 Септември 2020•Ажурирај: 13 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција изрази загриженост и остро ја осуди одлуката на Бахреин за воспоставување дипломатски односи со Израел, што е спротивно на обврските во рамките на Организацијата за исламска соработка, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението се истакнува дека овој чекор ќе влијае на одбраната на палестинската кауза и се додава:
„Ќе го охрабри Израел да ги продолжи своите нелегитимни практики против Палестина и неговите обиди трајно да ги окупира палестинските територии.“
Исто така во соопштението се потенцира дека единствениот начин да се воспостави мир и стабилност на Блискиот Исток е преку фер и сеопфатно решение на палестинското прашање во рамките на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации.
„Притисокот и принудата на актерите надвор од регионот, неодговорните отстапки поради тесни интереси, не можат да ја елиминираат или пак, да ја заменат оваа реалност“, се нагласува во соопштението на турското МНР.