Jeyhun Aliyev
23 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за одбрана на Турција соопшти дека во оваа фаза нема потреба за спроведување нова операција во северна Сирија, надвор од областа на спроведување на моменталната операција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција никогаш нема да дозволи формирање на терористички коридор јужно од своите граници и нашата борба против тероризмот ќе продолжи со посветеност“, соопшти Министерството за одбрана на Турција.
Операцијата „Извор на мирот“, започна на 9 октомври со цел елиминирање на терористите од северна Сирија, источно од реката Еуфрат, за да се обезбедат турските граници, но и да се овозможи безбедно враќање на сириските бегалци, како и да се заштити територијалниот интегритет на Сирија.
Во соопштението на турското Министерство за одбрана се истакнува дека на крајот од 120-часовната запирање на операцијата, САД објавиле дека повлекувањето на терористичката група ПКК/ЈПГ од назначениот регион на безбедносната зона е завршено.
На 17 октомври, американската делегација предводена од потпретседателот Мајк Пенс беше во официјална посета на Турција, и во Анкара се состана со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, при што дискутираа за антитерористичката операција на Турција.
По состанокот, двете страни постигнаа договор од 13 точки за североисточна Сирија. Како дел од договорот, Турција запре со антитерористичката операција во источниот дел од Еуфрат на 120 часа, за да се овозможи повлекување на терористичката ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПКК од планираната безбедносна зона. Рокот од 120 часа за повлекување на терористите заврши синоќа.
Анкара и САД се согласија за безбедносна зона од 32 километри јужно од турската граница во Сирија, каде што Турција сака да ги смести сириските бегалци, на кои моментално е домаќин.
Во соопштението се нагласува дека во рамките на договорот постигнат вчера меѓу Ердоган и неговиот руски колега, Владимир Путин, во Сочи, заедничката работа со Русија ќе започне од денес.
Според договорот, со почеток во 12 часот напладне (0900GMT) на 23 октомври, руската воена полиција и сириските граничари ќе влезат на сириската страна од турско-сириската граница пред подрачјето на операцијата „Извор на мирот“, за да се олесни отстранувањето на елементите на ЈПГ/ПКК и нивното оружје 30 километри (19 милји) од турската граница во северна Сирија, што треба да биде финализирано за 150 часа.
„Така, со воспоставување мировен коридор во регионот, ќе се обезбеди нашите раселени сириски браќа и сестри доброволно и безбедно да се вратат во своите домови и земји“, се заклучува во соопштението.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.