АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека неговата земја во пет дена постигнала историски договори со двете најголеми светски сили, и дека турската антитерористичка операција „Извор на мирот“ претставува пресвртница за иднината на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу беше гостин на уредничкиот деск на Anadolu Agency (AA) во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите за актуелните случувања во Турција и во светот. Фокусот беше на вчера постигнатиот договор меѓу Турција и Русија, според кој терористите на ЈПГ се повлекуваат. Според договорот, Турција и Русија започнуваат со заеднички патроли во Сирија.
Тој изјави дека антитерористичките напори во Сирија го спречиле воспоставувањето на терористичка држава во земјата погодена од војна.
„Оваа операција и овие напори, всушност спречија терористичка држава која терористите сакаа да ја воспостават“, изјави Чавушоглу во уредничкиот деск на АА.
„Направен е важен чекор за Сиријците да се вратат во своите домови. Она што е важно беше повлекувањето на терористите. Во безбедносната зона ќе бидат воспоставени локални администрации“, додаде тој.
Чавушоглу истакна дека Турција во пет дена постигнала историски договори со двете најголеми светски сили (САД и Русија), и дека операцијата „Извор на мирот“, која турската војска ја започна на 8 октомври, е пресвртница за иднината на Сирија.
„Турција во пет дена постигна историски договори со двете најголеми светски сили, и државите го прифатија легитимитетот на операцијата „Извор на мирот“. Овие договори се многу важни за нашата национална безбедност“, изјави Чавушоглу.
„Овие договори се многу важни за нашата национална безбедност, тие исто така направија историја како дипломатски и политички достигнувања“, нагласи Чавушоглу.
Тој рече дека безбедносната зона ќе биде воспоставена во регионот простирајќи се од реката Еуфрат во Сирија до ирачката граница во рамките на Договорот од Сочи.
Тој додаде дека терористите на ЈПГ/ПКК ќе бидат отстранети од подрачјето 30 километри од границата со Турција, вклучувајќи ги источните делови на Камишли и Рас ал Ајн, северните сириски градови, како и Ајн ал Араб (Кобани).
„Локалниот народ, вклучувајќи ги Арапите и Курдите, ќе воспостават локална администрација во регионот подоцна“, додаде тој.
Запрашан за заедничката патрола помеѓу Турција и Русија што треба да се спроведе источно и западно од областа на операцијата „Извор на мирот“ во Сирија, со исклучок на Камишли, Чавушоглу рече: „Нашите патроли ќе бидат извршени во длабочина од 10 км (6 милји) или во центарот на градот или во приградските области без временско ограничување онолку колку што се потребни.“
Нагласувајќи дека Турција го поддржува граничниот и територијалниот интегритет на Сирија повеќе од која било друга земја, Чавушоглу рече дека Турција ќе ги неутрализира терористичките елементи кои сè уште не се повлекле од регионот во кој Турција спроведува антитерористичка операција.
Чавушоглу потсети дека 365.000 луѓе се вратиле во областите исчистени од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, откако со турската операција „Штитот на Еуфрат“ во 2016 година и операцијата „Маслинова гранка“ во 2018 година е расчистено огромно подрачје во северозападна Сирија.
Исто така, осврнувајќи се на Договорот од Адана од 1998 година, кој им дозволува на турските сили да спроведат воени операции во Сирија, Чавушоглу рече дека Турција ќе преземе активности за да ги искорени терористичките закани против себе, доколку Сирија не успее во тоа.
„Пред сѐ, Турција нема директен контакт со сирискиот режим, постојано можат да контактираат само на ниво на разузнавачки структури“, нагласи Чавушоглу.
„Второ, режимот на Асад нема капацитет за спроведување на Договорот од Адана, дури и ако сака да го стори тоа. Нема овластување таму [во северна Сирија], нема контрола таму “, рече Чавушоглу.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.