Gözde Bayar
21 Јуни 2020•Ажурирај: 22 Јуни 2020
АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили спречија вкупно 96 терористички напади и уапсија 54 осомничени за тероризам во првата половина од оваа година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Разузнавачките активности и делувањето на тимовите за спроведување на законот вродија со плод со спречувањето на вкупно 96 терористички активности, 93 од страна на ЈПГ/ПКК, две од левичарските групи и една од ДЕАШ.
Според податоците што АА ги доби од безбедносни извори, за време на операциите уапсени се 54 осомничени, меѓу кои 42 припадници на ЈПГ/ПКК, 10 на ДЕАШ и двајца припадници на левичарските терористички групи.
Во рамките на операциите низ целата земја полицијата заплени десетици експлозивни направи.
Во 2019 година, турските безбедносни сили спречија вкупно 328 терористички напади, 299 на ЈПГ/ПКК, 18 од ДЕАШ и 11 од левичарските терористички организации.
Турција беше една од првите земји што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација во 2013 година.
Во земјата досега изведени се повеќе напади од страна на терористите на ДЕАШ, меѓу кои 10 самоубиствени бомбашки напади, седум бомбашки и четири вооружени напади во кои загинаа 315 луѓе, а повредени беа стотици.
Како одговор на тоа Турција започна воени и полициски операции во земјата и во странство за да спречи понатамошни терористички напади.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.