Aysu Biçer
16 Ноември 2020•Ажурирај: 17 Ноември 2020
АНКАРА
Научниците што работат со турската платформа за Ковид-19, преку испитувања на животни докажаа дека молекулата на рибавирин е ефикасна во лекувањето на вирусот, изјави министерот за индустрија и технологија на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Беше поднесено барање до Турската агенција за лекови и медицински помагала да спроведе клиничка студија во фаза 3 на оваа молекула“, рече Мустафа Варанк пред турскиот Парламент во својот говор за буџетските планови на Министерството за следната година.
Рибавирин се користи како антивирусен лек за лекување на хепатитис Ц и на некои вирусни хеморагични трески.
„Нашите научници, исто така, со сите претклинички експериментални резултати докажаа дека молекулата грифитизин има антиинфективно дејство“, забележа тој.
Тој додаде дека испитувањата на вкупно четири кандидати за вакцини се успешно завршени врз животни и дека во тек се напори наскоро да се префрлат во фаза на клиничко испитување.
„Локалната синтеза на лекот фавипиравир, користен во третманот со Ковид-19, исто така е развиена преку универзитетско-индустриска соработка“, додаде тој.
„Под раководство на Советот за научно-технолошко истражување на Турција (ТУБИТАК) се спроведуваат вкупно 17 проекти за развој на вакцина и лек против Ковид-19“, рече министерот.
- Економскиот тим работи во соработка -
Во врска со економскиот развој, Варанк истакна дека податоците за потрошувачката на електричната енергија во организираните индустриски зони во септември и октомври покажуваат дека Турција ги обновува загубите од пандемискиот период.
„Има силно подобрување во преработувачката индустрија во нарачките, производството, стапките на искористување на капацитетите и извозот“, забележа тој.
„Инвестициската побарувачка на реалниот сектор се зголеми за 21 отсто во периодот јануари-октомври, во споредба со истиот период минатата година“, рече тој, додавајќи дека се издадени вкупно 8.396 сертификати за стимулација за фиксни инвестиции во вредност од 159 милијарди турски лири (речиси 20,5 милијарди долари).
„Бројот на индустриски претпријатија кои започнаа со производство достигна 12.259 со пораст од 14 отсто во истиот период.“
Варанк, исто така, рече дека најновите ограничувања поврзани со вирусите во Европа можат да влијаат и на Турција.
„За ова, ние внимателно следиме што се случува низ целиот свет, ги анализираме флуктуациите на пазарот и ги проценуваме нивните можни ефекти врз нашата индустрија.“
„Сите министерства одговорни за економијата работат во силна координација и тимски дух“, нагласи министерот.