Diyar Güldoğan
20 Ноември 2022•Ажурирај: 21 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Туркије погоди речиси 90 терористички цели на ЈПГ/ПКК во текот на воздушната операција во северните делови на Ирак и Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана, известува Агенција Анадолија (АА).
„Во рамките на операцијата 'Канџа-меч', уништени се вкупно 89 терористички цели - 81 цел во првата фаза и 8 во втората фаза - вклучувајќи засолништа, бункери, пештери, тунели, магацини за муниција, штабови и кампови за обука што им припаѓаат на терористите, кои претставуваат закана за нашата држава, народ и гранична безбедност“, се вели во соопштението.
Туркије денес ја изведе операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна операција против терористичката организација КЏК/ ЈПГ/ПКК во северните делови на Ирак и Сирија.
Министерството за одбрана на Туркије соопшти дека операцијата е изведена во согласност со правото на самоодбрана според членот 51 на Повелбата на Обединетите нации.
Турското Министерство наведе дека Туркије извршила успешна операција во регионите Кандил, Асос и Хакурк во северен Ирак и во регионите Тел Рифат, Џазира и Дерик во северна Сирија.
„Меѓу терористите неутрализирани во воздушната операција се наоѓаат и т.н. лидери на терористичката организација“, се додава во соопштението на турското Министерство.
Операцијата следуваше по терористичкиот напад минатата недела на преполната улица Истиклал во Истанбул, во кој животот го загубија најмалку шест лица, а 81 се повредени. Турските власти соопштија дека нападот го извела терористичката организација ПКК/ЈПГ.
ПКК е сепаратистичка организација што се наоѓа на листата на терористички организации во Туркије, Европската Унија и во САД. Во текот на повеќедецениската терористичка кампања против Туркије, терористите на ПКК убија над 40.000 луѓе. Терористичката организација ЈПГ е сириски огранок на ПКК.