Ömer Yıldız
21 Ноември 2022•Ажурирај: 22 Ноември 2022
Во рамките на истрагата против терористичката организација ФЕТО спроведена во осум турски области, издаден е налог за приведување на 75 осомничени лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на одделот за борба против тероризмот во текот на истрагата против структурите на ФЕТО утврдиле дека две групи во рамките на терористичката организација продолжиле со состаноци и контакти, некои членови им обезбедувале фалсификувани документи на бегалците, како и дека им помагале да избегаат, го олесниле финансирањето на терористичката организација и ги криеле бегалците.
Утврдено е и дека некои членови користеле социјални мрежи за да вршат пропаганда со цел да регрутираат нови членови и да го одржат постоењето на терористичката организација.
По техничко-физичко следење кое траеше десет месеци, екипите спроведоа акција во осум области врз основа на налози за приведување на 75 осомничени.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави, чие испорачување Република Туркије официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација со години напредуваа во службата со местење на испитите, со што се инфилтрираа во институциите на државата. Потоа, првин во декември 2013 година, поддржувачите на ФЕТО во правосудството на Туркије се обидоа со монтиран судски процес за наводна корупција да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за пуч на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч изведен од офицерите кои ФЕТО ги инфилтрира во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа која не претставува опасност само за Република Туркије, туку и за секоја земја во којашто е активна.