Hatice Özdemir Tosun
23 Јули 2021•Ажурирај: 24 Јули 2021
АНТАЛИЈА (АА) - Европската Унија (ЕУ) одамна го изгуби својот кредибилитет за кипарското прашање, рече турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Кога кипарските Турци го поддржаа планот за островот, подготвен во 2004 година од тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, а кипарските Грци го отфрлија, ЕУ не ги исполни своите ветувања кон турски Кипар, туку ги награди кипарските Грци со членство во Блокот“, истакна Чавушоглу.
„Ова го избриша кредибилитетот на ЕУ за ова прашање“, изјави турскиот министер пред новинарите во градот Анталија на турското медитеранско крајбрежје.
„Со посетата на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) во вторникот од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше одбележан 20 јули - 47-годишнината од Мировната операција на Турција на Кипар во 1974 година за заштита на кипарските Турци од насилствата - како и Денот на мирот и слободата на ТРСК“, додаде Чавушоглу.
Нагласувајќи ја посебната поврзаност помеѓу двете земји, Чавушоглу рече: „Ние, како матична земја и земја гарант [за Кипар], ги исполнуваме нашите одговорности без двоумење за заштита на правата на ТРСК на резервите на јаглеводороди и Источниот Медитеран.“
„Преговорите за кипарското прашање траат 53 години без никакви резултати“, рече тој, обвинувајќи ги кипарските Грци дека секој пат ги попречуваат преговорите.
„Но и покрај тоа“, истакна Чавушоглу, „кипарските Грци се наградени, додека кипарските Турци се казнети.“
На Кипар постои повеќедецениски спор меѓу кипарските Грци и кипарските Турци, и покрај неколкуте дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Етничките напади што започнаа во раните 1960-ти години ги принудија кипарските Турци да се повлечат во енклави заради своја безбедност.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци со цел припојување кон Грција, доведе до воена интервенција на Турција како земја гарант за заштита на кипарските Турци од прогонства и насилства.
Турската Република Северен Кипар (ТРСК) е основана во 1983 година.
Во последните години на неколку наврати се активира мировниот процес, од кои дел беше и неуспешната иницијатива во 2017 година во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во Европската Унија во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за ставање крај на повеќедеценискиот спор.