Handan Kazancı
01 Април 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази надеж дека лидерите на Русија и Украина ќе можат да одржат самит во Истанбул за да помогнат да се стави крај на војната помеѓу двете земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе бидеме многу среќни доколку ја реализираме одлуката овој негативен тек на настаните да се претвори во позитивен со двајцата лидери“, изјави Ердоган за новинарите во Истанбул.
Руската и украинската делегација се сретнаа на мировни преговори во Истанбул на 29 март, откако помина еден месец од војната со зголемување на бројот на жртви и од двете страни.
За време на преговорите, украинските власти дадоа знак дека се подготвени да преговараат за неутрален статус, клучно руско барање, но бараа безбедносни гаранции за земјата.
Русија, во меѓувреме, вети дека значително ќе ги намали воените активности кон украинските градови Киев и Чернихив за да постигне доверба за наредните преговори.
„Украина сака да ги види земјите, вклучително и Турција, како гаранти за договорот со Русија“, рече украинскиот преговарач по преговорите.
- Мини во морето -
За мините во регионот на Црното Море, турскиот претседател рече: „Засега нема никаков проблем, но нема да ја отстраниме нашата стража.“
Најмалку две такви мини се деактивирани од страна на турските надлежни власти досега. Трета е деактивирана од страна на соседна Бугарија, која, исто така, го дели брегот на Црното Море.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.232 цивили, а 1.935 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.