Seda Sevencan
06 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган имаат благи симптоми на Ковид-19, откако вчера по тестирањето за коронавирусот излегоа позитивни на варијантата Омикрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Утрово нашиот лекар ни направи рутински преглед. За среќа, нема ништо негативно. Имаме благи симптоми и денес, и продолжуваме да работиме од дома со г-ѓа Емине“, напиша денес турскиот претседател на Твитер.
Ердоган доби пораки со желби за оздравување од лидерите низ светот.
Меѓу оние што испратија пораки се претседателот на Турската Република Северен Кипар, Ерсин Татар, пакистанскиот претседател Ариф Алви, пакистанскиот премиер Имран Кан, претседателот на Украина, Владимир Зеленски, косовската претседателка Вјоса Османи, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, претседателот на Сомалија, Мухамед Абдулахи Фармааџо, емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле, претседателот на Гватемала, Алехандро Џиаматеј, грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, и српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Во одделни твитови, Ердоган ја изрази својата и благодарноста на првата дама до лидерите за нивните добри желби.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, телефонски разговараше со Ердоган и нему и на првата дама им посака скоро оздравување. За време на разговорот меѓу двајцата лидери разменети се мислења за различни аспекти на азербејџанско-турското пријателство.