Seda Sevencan
06 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турските сили приведоа 18 лица при обид илегално да влезат или излезат од земјата, меѓу кои и осуммина осомничени припадници на терористичките организации ФЕТО, ПКК/КЏК и ДЕАШ, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осомничените се фатени од пограничните сили додека се обидувале илегално да преминат од Турција во Грција и од Сирија во Турција.
Тројца од 18-те приведени лица се идентификувани како припадници на ФЕТО, терористичката организација што стои зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок на Турција преку инфилтрација на свои припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
Терористичката ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
Тројца од приведените се припадници на терористичката организација ПКК, која е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и доенчиња, за време на нејзината над 35-годишна терористичка кампања против Турција.
ПКК се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ.
Уште две лица фатени од турските сили се идентификувани како припадници на терористичката организација ДЕАШ.
Турција беше една од првите земји што ја прогласи ДЕАШ за терористичка организација.
Оттогаш, во земјата се извршени неколку напади од страна на терористичката организација ДЕАШ и тоа 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки и 4 вооружени напади во кои загинаа 315 луѓе, а повредени беа стотици.
Како одговор на тоа, Турција започна антитерористички операции во земјата и во странство за да спречи понатамошни терористички напади.