Mümin Altaş
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на повиците на опозицијата за одржување предвремени избори во земјата, порача дека предвремени избори нема да има и дека тие ќе бидат одржани во јуни 2023 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган се обрати на проширениот состанок на Партијата за правда и развој (АК Партија) со обласните претседатели на ограноците, истакнувајќи дека ова е 150-та ваква средба на партијата во 20 години.
Велејќи дека смета дека не постои друга партија во светот и Турција која ги собрала обласните челници 150 пати во 20 години, на кој начин редовно и ефикасно управува со механизмот за консултации, Ердоган рече:
„Овие платформи се места каде што се слуша гласот, здивот, очекувањата и предизвиците на нацијата. Тоа е тајната на успехот на АК Партијата на изборите веќе 20 години.“
Тој рече дека АК Партијата отсекогаш имала значајна поддршка од турскиот народ на изборите во изминатите две децении, нагласувајќи дека во наведениот период и тие биле соочени со значителни предизвици, пречки и завери.
Ердоган потсети дека во 2015 година се соочени со обид за безбедносно-правосуден удар на терористите на ФЕТО од 17 до 25 декември, со терористичките активности на ПКК и голем број други удари, по што во краток временски период двапати се одржани избори.
„Иако бевме првата партија со 41 отсто од гласовите на овие избори, за жал за прв пат не освоивме мнозинство во Парламентот за сами да формираме влада. Поради одлучниот став на МХП (Партија на национално движење заб. ав.) и невозможноста опозицијата да формира коалиција, ги повторивме изборите, користејќи ги овластувањата што ни беа дадени со Уставот. На изборите одржани во ноември 2015 година ја извлековме нашата држава од оваа криза и формиравме влада така што освоивме 49,5 отсто од гласовите“, изјави турскиот претседател.
Ердоган одговори на повиците на опозицијата за одржување предвремени избори во Турција, порачувајќи дека за тоа нема говор.
„Сè уште повикуваат на предвремени избори. Нема да има предвремени избори, изборите се во јуни 2023 година“, рече Ердоган и додаде: „На изборите во јуни 2023 година ќе поставиме нов рекорд со освојување на претседателската функција и стекнување мнозинство во Парламентот, како Народна алијанса.“