Esra Tekin
21 Април 2025•Ажурирај: 22 Април 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изрази сочувство по повод смртта на папата Франциск, изразувајќи длабока тага, јавува Анадолу.
„Длабоко сум натажен од веста за смртта на папата Франциск, духовниот лидер на католичкиот свет и шеф на државата Ватикан“, напиша Ердоган на социјалната мрежа Х.
Во своето соопштение, Ердоган ги пофали заложбите на папата Франциск во однос н геноцидот во Газа и палестинското прашање.
„Папата Франциск беше истакнат државник и духовен лидер кој го ценеше дијалогот меѓу разлините верски заедници. Тој презеде иницијатива за соочување со хуманитарните трагедии, особено за палестинското прашање и геноцидот во Газа“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател изрази сочувство до семејството на папата, до државата Ватикан и до целиот католички свет.
И турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз упати сочувство до Ватикан и католичкиот свет.
„Неговиот чувствителен пристап во услови на бројни хуманитарни кризи што ја ранија совеста на светот, особено неговиот јасен и решителен став против геноцидот во Газа и неправдите со кои се соочува палестинскиот народ, ќе останат запаметени како пример за лидерство кое ги става универзалните вредности на прво место,“ порача Јилмаз.
Денес, на 88-годишна возраст почина папата Франциск по долга борба со тешка болест. Како што соопшти претходно Ватикан, папата страдал од долготрајна респираторна болест слична на астма, поврзана со тромбоцитопенија.
Франциск е роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, во семејство на италијански имигранти. На чело на Римокатоличката црква беше повеќе од една деценија.