Diyar Güldoğan
08 Септември 2023•Ажурирај: 08 Септември 2023
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган замина за главниот град на Индија, Њу Делхи, за да присуствува на самитот на Г-20 закажан за оваа сабота и недела, јавува Анадолу.
Мандатниот претседавач со самитот, Индија, е домаќин на дводневниот самит на тема „Една Земја, едно семејство, една иднина“. За време на самитот, лидерите на Г-20 ќе разменат мислења во текот на три сесии.
Ердоган се очекува да одржи и билатерални разговори со повеќе шефови на држави и влади на маргините на самитот.
Самитот ќе се одржи во новоотворениот конференциски центар „Прагати Мајдан“ во Културниот коридор „Бхарат Мандапам“.
Г-20 е меѓувладин форум кој првенствено се фокусира на економски прашања составен од 20-те најголеми светски економии - 19 држави и Европската Унија. Г-20 игра важна улога во обликувањето и зајакнувањето на глобалната архитектура и менаџирање за сите главни меѓународни економски прашања.
Земјите-членки се Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужноафриканската Република, Туркије, Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД).
Покрај земјите членки, мандатниот претседавач Индија ги покани и лидерите на Бангладеш, Холандија, Нигерија, Египет, Маурициус, Оман, Сингапур, Шпанија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Покрај меѓународните организации како што се Обединетите нации (ОН), Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, Индија покани и претставници на Меѓународната соларна алијанса, Коалицијата за инфраструктура отпорна на катастрофи и Азиската банка за развој како меѓународни организации - гости.
Г-20 е исто така блиску до договор за прием на Африканската унија (АУ), блок од 55 земји, како членка на групата.
По самитот се очекува лидерите да усвојат декларација.