Şebnem Coşkun
07 Септември 2023•Ажурирај: 10 Септември 2023
АРКТИК (АА) – Оваа година означи значајна пресвртница во која Третата арктичка експедиција на Туркије за првпат ги отвори вратите за странски научници, поттикнувајќи меѓународна соработка во срцето на Северниот Леден Океан, јавува Анадолу.
Во духот на меѓународната соработка, научници од Бразил, Чешка и Норвешка основаа единствена лабораторија во Северниот Леден Океан, каде што спроведоа истражување за влијанието на климатските промени врз екосистемот, рибите и фитопланктонот во регионот.
Експедицијата се фокусираше и на истражување на новите трговски рути во регионот на Арктикот поради топењето на морскиот лед, како и на анализирање на годишните времиња во кои тие стануваат достапни.

Говорејќи за Анадолу, координаторката на научната експедиција, Бурџу Озсој, рече: „Вклучувањето на странски научници во нашата експедиција на Арктикот има огромна вредност за нас. Во таква изолирана средина, меѓународната соработка носи значителна сила на нашите истражувачки активности.“
Нагласувајќи го значењето на научната соработка меѓу државите, Озсој истакна: „Соработката меѓу странските научници и нивните турски колеги, што резултира со заеднички истражувања, го зголемува влијанието на нашата земја во областа на научната дипломатија.“

Третата Национална научноистражувачка експедиција на Арктикот се спроведе под покровителство на турското Претседателство во координација на Институтот за поларни истражувања при Истражувачкиот центар Мармара (МАМ), кој е дел од Институтот за научнотехнолошки истражувања на Туркије (ТУБИТАК) со седиште во Анкара.

Турскиот научен тим вршеше истражувања на 28 различни локации еден месец во Баренцовото Море на Северниот Леден Океан со 62-метарскиот истражувачки брод „Полар експлорер“, кој пловеше под норвешко знаме.