Турција

Турскиот премиер Јилдирим спречи самоубиство од мост на Босфорот

Граѓанинот се изненадил кога наспроти себе го здогледал турскиот премиер. Откако обезбедувањето му помогнало на Т. Т. да ја напушти опасната зона, премиерот Јилдирим го прегрнал човекот и се обидел да го расположи

Hatice Şenses Kurukız  | 08.07.2018 - Обновена : 08.07.2018
Турскиот премиер Јилдирим спречи самоубиство од мост на Босфорот

Istanbul

ИСТАНБУЛ (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, минувајќи по „Мостот на загинатите херои на 15 јули“, успеа да убеди едно лице да не се самоубие, јавува Anadolu Agency (AA).

Според добиените информации, лицето Т. Т. вчера приквечер се обидело да изврши самоубиство од „Мостот на загинатите херои на 15 јули“.

Во истиот период, турскиот премиер напуштајќи го својот дом во истанбулската населба Тузла, го запрел конвојот, откако забележал дека се случува нешто на мостот. Кога видел дека некој стои на работ од мостот сакајќи да се самоубие, го напуштил возилото и му пришол на граѓанинот.

Додека претставниците од службата за одржување на мостот се обидувале да го убедат лицето Т. Т. да се откаже од скокот кон смрт, кон нив се приближил премиерот на Турција, Јилдирим. Граѓанинот Т. Т. се изненадил кога наспроти себе го здогледал турскиот премиер. Откако обезбедувањето му помогнало на Т. Т. да ја напушти опасната зона, премиерот Јилдирим го прегрнал човекот и се обидел да го расположи.

Можело да се забележи дека премиерот Јилдирим, подавајќи му вода на граѓаниот, бил видно трогнат од настанот.

„Дојди, заедно да заминеме“, рекол Јилдирим, и држејќи го за рака, го одвел граѓанинот до службеното возило.

Премиерот Бинали Јилдирим, заедно со лицето Т. Т. заминал кон Конгресниот центар „Халич“, каде што се одржувала венчавката на ќерката на министерот за култура и туризам на Република Турција, Нуман Куртулмуш.

- „Немој да се грижиш, сѐ ќе биде подобро“ -

Премиерот Јилдирим разговарал со граѓанинот во службеното возило. Разговорот продолжил во салонот во кој се одржувала венчавката. Премиерот Јилдирим рекол: „Немој уште еднаш на ум да ти падне вакво нешто. Ние сме муслимани, ништо во животот не може да биде причина човек да посегне по својот живот. Секој одвреме-навреме запаѓа во депресија. Во такви ситуации човек треба да побара заштита од Господ и да биде трпелив. По секоја темнина излегува некоја светлина. Никогаш не треба да се изгуби надежта во Возвишениот. Господ така посака и ние се сретнавме, тој беше посредникот и имаме среќен крај. Немој да се грижиш, по ова сѐ ќе биде подобро.“

Претходно, лицето Т. Т., кое со такси пристигнало на мостот, се фрлило од таксито среде мост, при што ги повредило градите.

Првата помош му ја пружиле докторите од Владата, а подоцна Т. Т. со амбулантно возило бил префрлен во болница.

Се тврди дека 40-годишниот Т. Т., кого премиерот Јилдирим успеал да го убеди да се откаже од самоубиството, влегол во депресија поради недоразбирањата што ги имал со своите браќа, по што одлучил да си го одземе животот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.