Barış Gündoğan
03 Ноември 2016•Ажурирај: 04 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анкара изјави дека Германија станала една од битните земји во кои терористите наоѓаат засолниште, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган говореше на свечената церемонија во Конгресниот центар во Анкара, која ја организираше Министерството за култура и туризам, и во таа пригода се осврна на актуелните случувања, односно, на борбата против терористичката организација ФЕТО, извршителот на обидот за државен удар на 15 јули во Турција.
„Воопшто не го сметам за добар патот што го избра Германија, која без никакво разбирање за осетливите прашања на другите земји им дава засолниште на терористите, наместо да се бори против ПКК, ДЕАШ и ФЕТО. Германија во моментов стана земја во којашто засолниште наоѓаат терористите. Поинаку не можам да зборувам“, рече претседателот на Турција Ердоган.
Во врска со неупешниот обид за државен удар и отпорот на турскиот народ, турскиот претседател Ердоган го кажа следното:
„Турската нација на 15 јули не ја одбрани само својата слобода, вербата, своето знаме, повикот за молитва, демократијата, туку во исто време ги заштити и своите цели. Но има и такви кои се вознемирени од тоа. Некои се вознемирени од повиците за молитва, а такви имаше и во минатото. Сѐ уште има нивни продолжетоци, и да знаете дека ќе ги има и во иднина, но битно е ние да го следиме нашиот пат и да не му бидеме слуга на слугата. Ние сме слуги само на Господ“.
„Сите оние што зборуваат за некакви паралелни или други држави, нека знаат, освен Република Турција, ние немаме друга држава. Ќе дадеме сѐ за оваа држава и знајте го следното, нашиот став повеќе не се однесува само кон заканите во рамките на Турција, туку подразбира наша решеност за директно уништување на изворот на заканата. Затоа ние сме во Сирија, ние сме во Ирак. Нашата цел не е да се позиционираме таму, туку да ја запреме заканата што доаѓа оттаму“, рече претседателот Ердоган.