Meltem Yılmaz
08 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
ТРАБЗОН (АА) - МЕЛТЕМ ЈИЛМАЗ -
Жуборот на голем број поточиња и зеленилото во подножјето на карпите, во подрачјето на североисточниот дел на Турција, каде што се наоѓа манастирот „Сумела“, го привлекуваат вниманието на голем број туристи, пишува Anadolu Agency (AA).
Манастирот „Сумела“ е една од најпосетуваните дестинации на источниот дел на црноморскиот регион, а неговиот несекојдневен изглед и позиција го прават специфичен во секој период од годината, а особено во топлите летни месеци кога нуди добра сенка.
Началникот на општината Мачка, Корaj Кочан, за АА изјави дека манастирот претставува големо богатство и туристички ресурс на регионот.
„Внатрешноста на комплексот, поради реставрацијата на манастирот и карпите, веќе некое време е затворена за посетите. Без оглед на тоа, задоволни сме со бројот на туристите кои се задоволни од понудата“, изјави Кочан.

Тој изјави дека оваа туристичка дестинација, покрај манастирот и природната убавина, нуди и можност за планински велосипедизам, параглајдинг и други начини за квалитетно поминување на времето во природа.
Станува збор за манастир кој е сместен во стрмна карпа на височина од 1.200 метри. Се наоѓа токму над провалија. Тоа го прави географски, историски и култоролошки исклучително важен, но и туристички атрактивен.
Комплексот на манастирот „Сумела“ се состои од пештерска црква, која е центар на целата градба, неколку капели, кујни, студентски соби, простории за туристи, библиотека и извор на вода.
Тука се наоѓаат и долги и тесни скали по кои мора да се помине. Во внатрешноста на манастирот, но и на надворешната страна на ѕидот се отсликани фрески.
Манастирот „Сумела“ го нарекуваат и „проколнат“, поради маглата која наутро неговиот изглед го прави таинствен, прекрасен, но и прилично застрашувачки.