АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека на 15 јули турскиот народ дишел како едно тело и извојувал голема победа за која секогаш ќе се зборува, и која во историјата ќе биде запишана со златни букви, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денес во Турција се одбележува Денот на демократијата и националното единство - национален празник кој се одбележува по повод годишнината од неуспешниот обид за воен удар изведен од терористичката организација ФЕТО на овој ден во 2016 година.
Турскиот претседател Ердоган во Претседателската палата во Анкара беше домаќин на семејствата на шехидите (загинатите) кои ги дадоа своите животи спротивставувајќи им се на пучистите, како и ранетите за време на тој предавнички обид за рушење на демократскиот поредок и избраната власт во земјата.
„Таа вечер, нашиот народ, 83 милиони како еден, извојува голема победа која никогаш нема да биде заборавена, за која секогаш ќе се зборува и која со златни букви ќе биде испишана во историјата“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција со одлучна борба им задава тешки удари на сите терористички организации, Ердоган рече дека и покрај сè, земјата ги чисти своите институции од ФЕТО вирусот.
„До денес пронајдовме и на нашето правосудство предадовме повеќе од стотина терористи кои се криеја во странство“, рече Ердоган и додаде дека борбата против предавничката терористичка мрежа ФЕТО продолжува.
Тој соопшти дека турската фондација Маариф презела над 214 образовни установи поврзани со терористичката организација ФЕТО во 18 држави, и дека ваквите установи и училишта се затворени во уште 38 земји.
„Ќе ја продолжиме оваа одлучна борба сè додека и последниот терорист на ФЕТО не биде изведен пред лицето на правдата“, порача Ердоган.
Оддавајќи им почит на сите шехиди и ранети за време на отпорот против пучустите, Ердоган најави продолжување на поддршката за нивните семејства преку Фондацијата за солидарност со семејствата на шехидите и ветераните во Турција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.