Satuk Buğra Kutlugün
15 Јуни 2016•Ажурирај: 15 Јуни 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, ја отфрли можноста за било какви промени на турските закони за борба против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на своето обраќање пред пратениците на состанокот на Партијата на правдата и развојот (АК Партија) во Анкара денес, Јилдирим рече дека Турција „е во борба за единството, солидарноста и конзистентноста на земјата“.
„Под овие околности, се отфрла било каква промена на нашиот закон за антитероризам. Дури и ако ја загубиме визната либерализација.“
ЕУ и Турција потпишаа договор на 18-ти март, кој има за цел да ја сузбие нелегалната миграција преку Егејското Море со преземање построги мерки против трговците со луѓе и подобрување на условите за речиси три милиони сириски бегалци во Турција.
Договорот, исто така, овозможува забрзување на кандидатурата за членство на Турција во ЕУ и визната либерализација за турските државјани во Шенген зоната, под услов Анкара да ги исполни сите 72 критериуми поставени од страна на ЕУ.
Турција ги исполни повеќето од критериумите минатиот месец, но разликите меѓу Брисел и Анкара во однос на законот за антитероризам го сопреа договорот за визна либерализација.
Според ЕУ, Турција мора да го ревидира своето „законодавство и практики за тероризмот во согласност со европските стандарди", со цел стапување во сила на визната либерализација за турските граѓани.
Но Анкара остро ја отфрли секоја таква промена, нагласувајќи дека не е реално да се очекуваат ваквите промени во време кога Турција се бори против терористички организации како што се ПКК и ДАЕШ.
Турскиот премиер исто така ја истакна и борбата на Турција против терористичката организација ПКК која започна од јули минатата година.
„Државата ги презеде сите неопходни мерки за да ги обезбеди мирот и безбедноста на својот народ“, рече Јилдирим.
ПКК - прогласена за терористичка организација од страна на Турција, САД и ЕУ - ја продолжи својата 30-годишна вооружена кампања против турската држава во јули 2015 година.
Од тогаш, загинаа над 500 припадници на безбедносните сили, а над 5.000 терористи на ПКК се убиени во операции во Турција и во северен Ирак.
Премиерот, исто така, се осврна и на скорото изгласување на резолуцијата за признавање на ерменските тврдења за „геноцид“ во текот на 1915 година во германскиот парламент.
„Кога ќе погледнете во книгите по историја, не може да видите нешто што Турција ја поврзува со геноцид", рече Јилдирим. „Нашите предци владееле 619 години со пријателство и толеранција, и никогаш не дозволиле било која секта или вера да се бори една против друга."
Усвоена од страна на Долниот дом на германскиот парламент на 2-ри јуни, резолуцијата ја обвини османлиската власт од 1915 година за наводно вршење на „систематски геноцид“ врз Ерменците, како и други христијански малцинства.
Турција го негира наводниот „геноцид“, но признава дека имало жртви на двете страни за време на настаните од Првата светска војна.
Според Турција, смртта на Ерменците во источна Анадолија во 1915 година се случила откако некои застанале на страната на освојувачки наклонетите Руси и се побуниле против османлиските сили. Последователното преместување на Ерменците резултираше со голем број жртви.
Турција ги опишува настаните од 1915 година како трагедија за двете страни.
Анкара неколкупати предложи формирање на заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија, заедно со меѓународни експерти, со цел решавање на ова прашање.