Ekipa
01 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, изјави дека Турција ќе произведува сопствен воен авион кој според карактеристиките ќе биде близу или понапреден од сегашниот модел на „Ф-35“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Октај беше гостин на денешниот Уреднички деск на АА во Анкара, каде што одговараше на прашањата на новинарите и уредниците на агенцијата, а се осврна и на актуелните случувања.
Говорејќи за меморандумите за разбирање потпишани меѓу Турција и Либија - еден за воена соработка и друг за поморските граници на земјите во Источниот Медитеран, Октај потврди дека со овие договори е спречено блокирањето на Турција во Медитеранот.
Турскиот потпретседател нагласи дека со договорот со Либија, Турција ја расипа играта да биде ограничена на копно.
„Им се обраќам на оние кои се прашуваат [што бараме во Либија, Кипар]. Ние сме таму за да ги срушиме, да ги расипеме плановите против нас“, рече Октај.
Октај нагласи дека договорот помеѓу Турција и Либија е во интерес на целиот регион, бидејќи, како што рече, станува збор за проект на мирот.
Турскиот потпретседател соопшти дека Турција има намера да произведува сопствен воен авион што според карактеристиките ќе биде близок или понапреден од сегашниот модел на „Ф-35“.
„Турција ќе произведе воен авион; ќе изработиме класичен авион и беспилотен авион, со карактеристики на „Ф-35“ или понапредни.“
„Каква врска има „Ф-35“ со „С-400“? Зар при лет на „Ф-35“ над територијата на Израел не се краде технологијата, а се краде кога се лета над Турција?“, праша Октај во врска со наводите за технологијата на авионите.
Потсети на претставувањето на прототипот на новиот турски автомобил што се случи деновиве, уште едно од низата технолошки и индустриски достигнувања на земјата.
Нагласи дека Турција претходно ја пропушти можноста со автомобилот „деврим“, но сега таа можност ја користи со електричните и паметни автомобили.
Осврнувајќи се на критиките на одредени кругови кога станува збор за овој автомобил, Октај рече: „Оние што се денес против, утре ќе бидат првите што ќе го користат овој автомобил.“
Октај на крајот оцени дека 2019 година е период на воведување рамнотежа и дисциплина во турската економија, и дека 2020 година ќе биде новиот процут на турската економија.