Faruk Zorlu
09 Јули 2023•Ажурирај: 10 Јули 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот потпретседател Џевдет Јилмаз и катарскиот емир шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани се состанаа денес во Доха за да разговараат за можностите за економска соработка пред планираната посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Заливот од 17 до 19 јули, јавува Анадолу.
Придружуван од министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек, Јилмаз пристигна во Доха вчера со цел зајакнување на билатералните односи и процена на потенцијалните можности за економска соработка.
„За време на продуктивните билатерални средби и состаноци на ниво на делегации разговаравме за односите меѓу двете држави и можностите за економска соработка“, напиша Јилмаз на Твитер.
„Одбележувајќи 50 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи, планираме да го одржиме 9. состанок на Високиот стратегиски комитет. Потпишавме вкупно 95 договори на осум претходни состаноци“, рече тој.
„Освен за новите проекти за кои разговаравме за време на нашата денешна посета, имаме цел да ја продлабочиме нашата соработка, особено во одбранбената индустрија и на енергетско поле“, истакна Јилмаз, додавајќи дека се очекува овие иницијативи да поттикнат поблиска поврзаност и да ги зајакнат меѓусебните интереси, за цврста основа за идна соработка меѓу двете земји.
Стратегиската соработка меѓу Катар и Туркије ќе продолжи да придонесува за регионалната стабилност и економски развој, рече тој и додаде дека пријателството и соработката меѓу двете земји дополнително ќе ги унапредат односите на сите полиња.
„Би сакал да изразам благодарност до претставниците на државата Катар, особено на шеикот Тамим бин Хамад Ал-Тани, за нивното гостопримство“, нагласи потпретседателот Јилмаз.
Се очекува Ердоган да ги посети Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати во периодот од 17 до 19 јули.