Ahmet Gençtürk
27 Декември 2020•Ажурирај: 28 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот Парламент го ратификува предлог-законот за превенција на пролиферацијата на оружјето за масовно уништување, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парламентот, исто така, усвои закон со кој се забрануваат комерцијални активности на организации и лица кои се соочуваат со санкции од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН). Соодветно на тоа, собирањето или обезбедувањето средства за тие лица и организации е исто така забрането во Турција.
Одредбите на новиот закон се однесуваат и на финансирањето тероризам. Дефиницијата за „средства, имот“ е ажурирана за да одговара на меѓународно признатата дефиниција.
Тие што сториле кривично дело „финансирање тероризам“ ќе бидат изложени на поголеми казни, според новиот закон.
Исто така, средствата и имотот на поединци и организации санкционирани од СБОН за „финансирање тероризам“ ќе бидат замрзнати во побрза процедура.
Законот, исто така, го регулираше и собирањето донации и финансирање преку интернет. Како такво, собирањето донации и финансирањето преку интернет ќе подлежи на дозвола од Министерството за внатрешни работи на Турција.
Со тоа, властите имаат за цел да спречат злоупотреба на солидарноста во јавноста.
Законот, исто така, предвидува регулирање на домашните и странските фондации кои работат во Турција.
Операциите на странските фондации, кои работат во Турција, редовно ќе подлежат на инспекција од Министерството. Собирањето и дистрибуцијата на средства во странство од фондациите со седиште во Турција, во форма на помош и донации ќе бидат исто така регулирани од Министерството.
Турските власти нагласија дека сите овие мерки ќе имаат за цел да ја направат борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот побрза и поефикасна.