ТРИПОЛИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, и неговите приврзаници, ќе бидат сфатени како легитимна цел доколку ги нападнат турските единици, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Овој воен злосторник, силеџија, убиец Хафтар и неговите помагачи мора да знаат дека каде и да било ќе станат легитимна цел доколку извршат каков било напад врз турски единици. Нема да можат да најдат место за криење ако направат таков потег. Затоа, секој нека постапува внимателно“, рече Акар во обраќањето за време на средбата со турските трупи во Либија.
Министерот Акар заедно со делегацијата која ја сочинуваат началникот на Генералштабот, генерал Јашар Гулер, и командантите на турските сили, престојуваат во официјална посета на Либија.
„Турските сили ги извршуваат сите задачи што им беа дадени без никакви несреќи и проблеми“, истакна Акар.
Нагласи дека турските трупи вложуваат огромни напори за да придонесат за безбедноста на Турција, но и на другите земји, меѓу кои се и Либија и Азербејџан, додавајќи дека Турција ги почитува територијалниот интегритет и суверенитетот на другите држави.
Потсети дека Турција и Либија делат заедничко минато долго дури 500 години.
„Главниот проблем во Либија е Хафтаровата група и нејзините приврзаници. Тие се изворот на сите проблеми“, рече Акар, и додаде дека масакрите извршени со пучот на Хафтар повторно излегоа на виделина откако во Тархуна се откриени 21 масовна гробница:
„За жал, светот и понатаму молчи на сето ова, но веруваме дека Владата на национално единство и понатаму ќе инсистира на докажување на овие злосторства против човештвото. Затоа, веруваме дека истрагата пред Меѓународниот кривичен суд ќе продолжи и дека злосторниците ќе одговараат за своите дела.“
Напоменувајќи дека Турските вооружени сили во рамките на договорот во Либија спроведуваа воена обука, соработка и консултантски активности, Акар рече дека досега обуката ја поминале околу три илјади Либијци.
„Турција секогаш ќе биде покрај Либија и Либијците и со такво уверување ќе постапуваме и во иднина“, додаде турскиот министер за одбрана.
Акар нагласи дека генералот Хафтар е пучист и пион или играчка на странските сили.
„Само Турција реагираше на вресокот на жртвите и угнетените, кои се соочија со масакрите на силите на Хафтар. Не можевме немо да ги набљудуваме прогоните и насилствата“, рече Акар, додавајќи дека Хафтар е одговорен за пролевањето братска крв во Либија:
„Овде е воспоставен прекин на огнот, а во рамките на тоа примирје се водат и политички преговори. Со овие политички разговори се прават обиди да се најде некое решение. Значи, важно е секој да придонесе за да се постигне политичко решение. Каква било постапка надвор од тоа би била погрешна. Клучни се единството и интегритетот на Либија и тоа дека Либија им припаѓа на Либијците.“
Порача дека Турција секогаш ќе биде покрај браќата во Либија и дека секогаш ќе ја поддржува Владата на национално единство.
На 27 ноември, Анкара и Триполи потпишаа пакт за воена соработка, како и договор за поморските граници во Источниот Медитеран.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше убиен долгогодишниот лидер на земјата Муамер Гадафи. Водачот на сепаратистичките сили од источна Либија, Калифа Хафтар, во април минатата година започна напади за заземање на Триполи, кои беа спречени од силите на Владата на национално единство на Либија.
Владата на Либија е формирана во 2015 година врз основа на договорот на иницијатива на Обединетите нации, но напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на силите на Хафтар.