Yıldız Nevin Gündoğmuş
08 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
ЕЛАЗИГ (АА) - Турскиот министер за животна средина и урбанизам, Мурат Курум, изјави дека вчера во Елазиг се завршени работите за утврдување на штетата предизвикана од земјотресот и дека се евидентирани 263 урнати градби, а 558 треба итно да се срушат, јавува Агенција Анадолија (AA).
На прес-конференцијата што се одржа во Елазиг, освен министерот Курум, присуствуваа и турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу и министерката за трговија, Рухсар Пекџан. Курум изрази сочувство до семејствата на загинатите војници во нападот во Идлиб и до семејствата на патниците загинати во неодамнешната авионска несреќа во Истанбул.
Тој истакна дека овие катастрофи и несреќи ја покажале важноста на единството и заедништвото на властите и народот. Додаде дека од вечерта на 24 јануари, денот кога Елазиг го погоди земјотрес, заедно со сите министерства пружаат поддршка на жителите и ја делат нивната болка.
Министерот нагласи дека екипи од околу илјада лица излегле на терен брзо и дека е темелно работено на утврдување на настанатите штети.
Додаде дека од една страна работат на расчистување на урнатините, а од друга на проектирањето на објектите кои треба да бидат изградени.
„Во Елазиг вчера завршија активностите за утврдување на штетата и во тие рамки утврдивме 263 срушени објекти, 7.698 со големи оштетувања, 1.540 со оштетувања од средни размери, а покрај тоа евидентиравме 558 објекти што треба итно да се срушат“, рече Курум.
Додаде дека е завршено рушењето на 201 објект и дека забрзано се работи и на преостанатите рушења.
Курум рече дека досега е започнато проектирање на 17.400 станбени единици во Елазиг. Потсети дека на состанокот на Кабинетот на претседателот Реџеп Таип Ердоган и пред другите министри се презентирани податоците за овие проекти.
Тој изрази надеж дека наскоро ќе започне изградбата на станбените единици и дека до крајот на годината по етапи ќе бидат доделени становите.
„Се надеваме дека до крајот на февруари и во Елазиг и во Малатја ќе ги поставиме темелите и дека брзо ќе продолжиме со процесот на изградба. Сакам да појаснам дека овие проекти кои ќе ги спроведеме ќе бидат најголем проект на урбана трансформација во Елазиг“, рече Курум.