Турција

Турскиот министер за надворешни работи ќе го посети Египет за разговори на високо ниво за Газа и регионални прашања

- Од турското Министерство за надворешни работи наведуваат дека за време на посетата, се очекува Фидан да биде пречекан од египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.

Gizem Nisa Çebi Demir  | 08.08.2025 - Обновена : 08.08.2025
Турскиот министер за надворешни работи ќе го посети Египет за разговори на високо ниво за Газа и регионални прашања

ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан се очекува утре да го посети Египет, каде ќе присуствува на серија дипломатски средби, на кои ќе се разговара за израелската војна во Газа, регионалните прашања и билатералната соработка, според дипломатски извори, јавува Анадолу.

Информациите добиени од извори во турското Министерство за надворешни работи наведуваат дека за време на посетата, се очекува Фидан да биде пречекан од египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.

На дневен ред се дискусии за билатералните односи, како и за клучните регионални случувања.

Разговорите ќе опфатат конкретни чекори за понатамошно унапредување на повеќедимензионалната соработка меѓу Турција и Египет.

На посетата ќе се разговара и за најновите случувања во тековните преговори за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел, со посредство на Египет, Катар и САД.

Напорите за ставање крај на геноцидот во Газа и обезбедување непрекината испорака на хуманитарна помош во регионот ќе бидат централен фокус на состаноците.

Се очекува министерот да нагласи дека неодамнешните акции на Израел со цел анектирање на Газа и поткопување на решението за две држави претставуваат најголема пречка за регионалниот мир и стабилност.

Ќе бидат разгледани и резултатите од Меѓународната конференција за Палестина, одржана во Њујорк од 28 до 30 јули со учество на Турција.

Дополнително, Фидан и неговиот египетски колега Бадр Абделати ќе разговараат за регионалните предизвици и можности за заеднички придонес на двете земји кон стабилноста низ Северна и Источна Африка и регионот Сахел, со фокус на Либија, Судан и Сомалија.

Фидан последен пат се сретна со Абделати за време на 51-та сесија на Советот на министри за надворешни работи на ОИС, што се одржа во Истанбул на 20 и 21 јуни.

Неговата последна посета на Каиро беше на 23 март за да присуствува на состанокот на Контакт-групата за Газа помеѓу ОИС и Арапската лига.

На 4 февруари, министерот за надворешни работи Абделати, исто така, ја посети Турција.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.