Muhammed Nuri Erdoğan
14 Јули 2020•Ажурирај: 15 Јули 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Управата за верски работи на Република Турција (Дијанет) соопшти дека сликите кои се наоѓаат во џамијата Аја Софија во Истанбул не се пречка за извршување молитви (намаз), јавува Агенција Анадолија (AA).
Врховниот суд на Турција минатата недела ја поништи одлуката на Советот на министри од 1934 година, со која џамијата Аја Софија е претворена во музеј. Потоа, во Службен весник на Турција е објавена Претседателската одлука со која Аја Софија се отвора за молитва и преминува под ингеренција на Управата за верски работи на Турција (Дијанет).
Дијанетот се огласи денес откако во јавноста започнаа одредени дебати за исправноста на намазот во Аја Софија, со оглед на самиот амбиент на Аја Софија.
„Сликите кои се наоѓаат во џамијата Аја Софија не се пречка за извршување молитви“, наведоа од Дијанетот, и порачаа дека во времето кога се извршуваат молитвите сликите треба да бидат прекриени или затемнети со соодветни методи.
Нагласено е дека од религиска гледна точка не постојат никакви пречки џамијата Аја Софија, вон времето за молитва, да биде отворена за посети.
Аја Софија е изградена во 6. век. Оваа некогаш византиска црква, потоа џамија, а потоа и музеј, е незаобиколна станица за милиони туристи кои го посетуваат Истанбул.
Изградена во времето на царот Јустинијан, Аја Софија е едно од најголемите архитектонски достигнувања од тоа време. Во џамија е претворена по османлиското освојување на Истанбул во 1453 година, кога однадвор се изградени четири минариња. Аја Софија во 1935 година беше претворена во музеј.