Турција

Турција: Приведени најмалку 47 лица за поврзаност со терористичката организација ФЕТО

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година

Barış Kılıç, Sertaç Bulur  | 14.07.2020 - Обновена : 14.07.2020
Турција: Приведени најмалку 47 лица за поврзаност со терористичката организација ФЕТО

АНКАРА / ИЗМИР (АА) - Припадници на турската полиција утрово приведоа најмалку 47 лица за кои претходно беше издаден налог за приведување поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, која стои зад предавничкиот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).

Републичкото обвинителство во Анкара издаде налог за приведување на најмалку 20 лица, во рамките на истрагата за припадниците на ФЕТО инфилтрирани во правосудните институции на Република Турција. Станува збор за лица за кои е утврдено дека имале комуникација со високорангирани припадници на терористичката организација ФЕТО.

Во текот на утринските акции, кои беа спроведени во најмалку пет градови, приведени се 19 осомничени, додека по уште едно лице се трага.

Во Измир, по налог на Обвинителството во тој град, спроведена е исто така голема акција за приведување на припадници на ФЕТО, за кои претходно беше издаден налог за приведување, а во куќите познати како ќелии на ФЕТО се уапсени 25 лица.

При претресот на споменатите куќи запленети се 40.090 турски лири, 1.550 евра, 3.055 долари, 34 мобилни телефони, како и значителна количина накит.

Уште три припадници на ФЕТО беа уапсени како дел од третата истрага, а станува збор за лица за кои е утврдено дека ја користеле апликацијата „БајЛок“ (ByLock), систем за шифрирана комуникација помеѓу припадниците на ФЕТО.

Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.

Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.

Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.

Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.

Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.








На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın