Selma Kasap
02 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
АНКАРА (АА) - Новиот кандидат за вакцина против коронавирусот, развиен во Турција, кој се администрира преку нос, е исто така ефикасен против британскиот сој на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот на турскиот Научен одбор во вторникот, министерот за здравство, Фахретин Коџа, ја истакна поддршката на Владата за развој на интраназални вакцини против Ковид-19.
Јунус Емре Дели, официјален претставник на компанијата што ја развива вакцината, за Агенција Анадолија изјави дека истражувањето започнало во февруари 2020 година и дека сите лабораториски тестови на вакцината кандидат биле спроведени според меѓународни стандарди.
Дели истакна дека претклиничките студии на кандидатот за вакцина се завршени, и додаде дека за разлика од неактивните и мРНА-вакцините, нивниот интраназален модел е базиран на протеини.
„Производството на првите дози од вакцината започна во сертифициран објект за ГМП [Добри производни практики]“, рече тој, а испитувањата од првата фаза се очекува да започнат наскоро.
Дели изјави дека иако кандидатот за интраназална вакцина се развива против сојот на коронавирусот кој се појави во Вухан, се покажало дека тој е ефикасен и против британскиот сој на вирусот.
„Вакцината е веќе ефективна и против новите варијанти, ќе биде можно таа брзо да се модификува како во мРНА-технологијата за вакцини“, нагласи тој.
Потенцирајќи дека клиничките испитувања треба да завршат во втората половина од оваа година, Дели рече: „Со сегашниот капацитет ќе биде можно да се произведат 250 милиони дози од интраназалната вакцина.“