Zehra Nur Düz
22 Септември 2022•Ажурирај: 23 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Туркије испрати уште два воза со хуманитарна помош за луѓето погодени од катастрофалните поплави во Пакистан, кои зафатија една третина од јужноазиската држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
Осмиот и деветтиот воз со 1.040 тони продукти за помош при катастрофи, вклучувајќи храна и хигиенски производи, тргнаа од главниот град Анкара.
Помошта ја координира државната Агенција за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) со придонес на 22 невладини организации од 30 турски области.
На свеченото испраќање на помошта присуствуваа пакистанскиот амбасадор во Анкара, Мухамед Сирус Саџад Кази и Ондер Бозкурт, потпретседателот на одделот за одговор при катастрофи на АФАД.
Во обраќањето, Кази му се заблагодари на турскиот народ кој е покрај Пакистан во вакви моменти.
„Оваа помош ќе ни помогне да го надминеме сериозниот недостиг во храна со кој се соочуваме поради поплавите во Пакистан“, рече Кази.
„Сигурен сум дека ќе успееме да го надминеме овој многу сериозен предизвик, но со турскиот народ кој стои со нас, ние сме посилни“, додаде Кази.
Со уште седум смртни случаи, бројот на жртви се искачи на 1.576 како резултат на несреќите поврзани со поплавите низ целата земја од средината на јуни, покажуваат податоците на пакистанската Национална управа за справување со катастрофи.
Досега, од поплавите е предизвикана штета на над 2 милиони куќи, 803.400 куќи се целосно уништени, а 1,21 милион се делумно оштетени. Над еден милион грла добиток угинаа.
Разорните поплави раселија илјадници луѓе кои сега живеат во шатори.
Сезоната на монсуни во Пакистан, како и во другите држави во регионот, обично резултира со обилни врнежи од дожд, но оваа година е година со најголемо количество врнежи од 1961 година.
Во моментов, една третина од земјата е под вода, огромните дождови и топењето на глечерите предизвикаа излевање на главната река Инд, поплавувајќи огромни делови на рамнините и фармите.