Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Договорите од областа на војската и туризмот потпишани меѓу Турција и Пакистан стапија на сила откако денеска се објавени во Службениот весник на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Договорите, потпишани на 14 февруари минатата година за време на посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на Пакистан, имаат важност од пет години и имаат за цел понатамошно зајакнување на билатералните односи.
Анкара и Исламабад се согласија да „воспостават механизми за соработка ... во областа на воената обука“.
Двете земји ќе ја зајакнат соработката во овој поглед преку „едукација, обука и курсеви во воените училишта“ и „обука на работното место во единиците, штабовите и агенциите“, паралелно со „соработката и контактните посети“ и „размената на информации и персонал“.
Тие исто така ќе ја зголемат „соработката во областа на воената историја, воените публикации и воената музеологија“.
Во туризмот, Турција и Пакистан се согласија да ги зголемат „туристичките можности за инвестирање“ и да го зголемат бројот на „заедничките туристички настани, изложби, конференции, семинари и работилници“.
Двете земји имаат за цел и поттикнување на „употребата на државните и приватните образовни установи за развој на туристичкото образование и можностите за обука“.
Размена и споделување на иновативното искуство и технологиите и соработка и координација на меѓународните форуми и организации поврзани со туризмот се исто така меѓу точките опфатени во договорот.