Başak Akbulut Yazar
07 Април 2022•Ажурирај: 11 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот суд денеска одлучи да направи трансфер на случајот за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги на судските власти во Саудиска Арабија, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 31 март, турскиот обвинител во Истанбул побара од судот да ја финализира постапката во Турција и да го пренесе случајот на саудиските власти.
Обвинителот истакна дека не може да се земе сведоштво од 26-те саудиски државјани обвинети во случајот, ниту можат да бидат уапсени, бидејќи тие не се на турска територија, па така случајот ќе остане нерешлив.
Судот го прифати барањето и одлучи да направи трансфер на случајот кон саудиските власти во Ријад.
На рочиштето за трансфер на случајот, присуствуваше и Хатиџе Џенгиз, свршеницата на покојниот новинар, заедно со нејзиниот адвокат.
Случајот на Кашоги се водеше во Истанбул, откако новинарот исчезна при влегувањето во Саудискиот конзулат во турската метропола Истанбул на 2 октомври 2018 година.
Случајот доведе до неколку месеци наслови и повици за правда за новинарот, кој од 2017 година живееше во Соединетите Американски Држави (САД).