Emin İleri
19 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) – ЕМИН ИЛЕРИ –
Мухамед Фарис, првиот космонаут на Сирија, а втор во арапскиот свет, кој стана турски државјанин, истакна дека сака да придонесе за вселенските активности на Турција. Фарис исто така е поранешен пилот на борбени авиони.
Фарис, кој живее 8 години во Турција и се здоби со државјанство на Турција, минатата година одговори на прашањата на АА.
„Јас сум многу среќен што добив државјанство. Бидејќи за мене турскиот и сирискиот народ се исти. Имаме заедничка историја“, нагласи Фарис.
- „Иднината на светот е во вселенската наука“
Наведувајќи дека пред војната во Сирија живеел нормален живот, Фарис рече дека таму нема доволно интерес за вселенски науки и дека жали за тоа.
„Но, јас како космонаут имав големи соништа. Особено по враќањето од вселената, предвидов некои студии во оваа област. Затоа што ова време се многу важни вселенските науки, земјата сега се контролира од вселената. Иднината на светот е во вселенските науки“, нагласи Фарис.
„Откако се вратив од вселената, многу момчиња родени во 1987 година го добија името Мухамед Фарис. Само поради тоа режимот ме казни со затвор од 9 години, скоро доживотен. Се обиде да ме направи невидлив, ме спречи. Тоа го направија и Хафез Асад и Башар Асад. Јас само бев трпелив“, додаде Фарис.
- „Дојдов во Турција за да им помогнам на Сиријците“
Изјавувајќи дека бил многу среќен кога започнал бунтот во Сирија во март 2011 година, Фарис рече:
„Бидејќи имаше многу тешка репресија од страна на режимот. Тоа го виде целиот свет, имаше голем притисок врз Сиријците во сите области. Дојдов во Турција за да им помогнам на Сиријците. Тоа за мене беше хуманитарно и морално. Еден период живеев во Рејханли за да ги соберам опозиционерите да бидат заедно. Но, за жал, условите таму се променија и не успеав во мојата намера. Потоа дојдов во Истанбул, почнав да држам часови на универзитети и во гимназии. Сите беа среќни што доаѓаа на часови. И јас бев среќен.“
Фарис, исто така, истакна дека во Сирија не можел да работи и да држи часови во неговата област и дека во Турција е многу слободен и среќен.
Космонаутот Фарис, истакнувајќи дека вселенското и аеронаутичкото искуство сака да го користи во научните студии во Турција, нагласи:
„Го посетив Турксат во Анкара. Видов како работат таму турските инженери. Многу ми се допадна работата на турските инженери. Дадов и некои идеи за некои прашања. Затоа што ако бидете успешни на ова поле, ќе има позитивни резултати и во вселенската и во воената одбрана. Подготвен сум за секој вид поддршка. Пред да добијам државјанство предавав на оваа тема. И сега сум подготвен. Затоа што во Турција се чувствувам како да сум во своето семејство. Ние сите сме муслимани. Работата на ова поле за мене е хуманитарна, морална и исламска.“