Сабире не се дели од своето јагне, му носи светлина и на слепото теле
- Челеби, која долги години работела како готвачка во Истанбул, пред 6 години се пензионирала и решила да се врати во селото Бахчели во округот Дерели. Таа одлучила да се занимава со сточарство за да заработи, но и да придонесе во производството
ГИРЕСУН (АА) - Во турскиот град Гиресун 71-годишната Сабире Озер Челеби, која во својот дом го чува јагнето за кое се плашеле дека нема да преживее, со големо внимание одгледува и двомесечно теле што е родено слепо.
Челеби, која долги години работела како готвачка во Истанбул, пред 6 години се пензионирала и решила да се врати во селото Бахчели во округот Дерели.
Таа одлучила да се занимава со сточарство за да заработи, но и да придонесе во производството.
Челеби, мајка на седум деца, почнала со едно грло крупен добиток што го купила од соседот, но со текот на времето го зголемила бројот на животни.
Пред два месеца забележала дека новороденото теле е слепо.
Покрај посебната грижа што е потребна за слепото теле, Челеби пред околу еден месец го зела и болното јагне од овцата на нејзината ќерка. Јагнето, на кое нејзиниот внук му го дал името Томурџук, го чува како бебе во својот дом.
Сабире Озер Челеби за Анадолу изјави дека е голема љубителка на животни. Претходно во својот дом веќе одгледала две јагниња.
Таа истакна дека Томурџук никогаш не го дели од себе и дека нема да се откаже од него, дури и ако е болен.
Челеби раскажа дека само еднаш, поради обврски, го оставила јагнето во затворен простор надвор од куќата, но не издржала долго и повторно го вратила внатре.
„Надвор немам многу работа. Главно го пресоблекувам. Отсега Томурџук ќе биде секогаш со мене. Ќе порасне, па и неговите младенчиња ќе ги одгледувам со иста љубов“, рече Челеби.
Сабире Озер Челеби рече дека се растажува секогаш кога ќе помисли на слепото теле за кое се грижи во шталата.
Набрзо по раѓањето телето почнало да оди со главата наведната настрана, но веднаш не го забележале проблемот на животното.
„Ветеринарот ми рече: ’Телето воопшто не гледа.‘ Плачев цела недела. Четири мои деца имаат оштетен вид. Тоа што и телето не гледа, сосема ме скрши. Може ли човек да плаче за теле? Еве, може. Секогаш кога ќе влезев во шталата, плачев. Животното само го подава јазикот за да јаде, не може да го види шишето за да дојде“, раскажува Челеби.
Наведувајќи дека одгледувањето на телето не е тешко, таа додаде: „Ги навикнав да јадат од шише. Ми велеа ‘продади го,’ но тоа е невозможно, никому нема да му го дадам малото теле.“
Нејзината љубов кон животните датира од детството, а Челеби се потсети и раскажа: „Во првите години кога дојдов како невеста во селото, зедов едно теле фрлено во потокот бидејќи мислеле дека е мртво. Го бањав со топла вода во корито, го топлев до печката и го чистев. Преживеа, го одгледав и стана здраво животно. Отсекогаш многу ги сакам животните.“
