Турција

Рехабилитациски центар во Турција лекува зависници без медикаменти

„Горди сме што во просек 84 од 100 луѓе повторно се враќаат во општествениот живот, по нивното успешно лечење“

25.06.2019 - Обновена : 27.06.2019
Рехабилитациски центар во Турција лекува зависници без медикаменти

БАЛИКЕСИР (АА) - ХАКАР ФИРИК -

Зависниците од дрога се лекуваат и се враќаат во нормален живот без употреба на какви било лекови во Центарот за рехабилитација во турската северозападна област Баликесир.

Сместен во прекрасните предели на планините Каз во областа Баликесир, Центарот ги ангажира зависниците во различни спортови, вежби за стимулирање на мозочната активност и сесии за советување за детоксикација на нивниот организам, истакна за Anadolu Agency (AA), Уфук Танај Теземир, челникот на Фондацијата „Куртулуш“, со седиште во Анкара.

Фондацијата го основа рехабилитацискиот центар во Баликесир, кој многу брзо се претвори во епицентар на здравствениот туризам, поради природните убавини со кои е опкружен, како и пријатната микроклима.

„Горди сме што во просек 84 од 100 луѓе повторно се враќаат во општествениот живот, по нивното успешно лечење“, рече Теземир.

Зависниците поминуваат три до четири месеци од својот период на рехабилитација во установата, во рамките на проектот „Програма за рехабилитација без медикаменти (Narconon)“.

Теземир тврди дека тоа е единствениот центар во Турција што работи според програмата „Нарконон“.

„Нашите пријатели остануваат во нашиот пансион одреден временски период, додека не ги реорганизираат вредностите во своите животи, значењето на нивните семејства, како и начините да бидат корисни за општеството.“

Едукаторот Озкан Ѓувен истакна дека програмата „Нарконон“ веќе 50 години се применува во 48 земји во светот.

„Ние ги советуваме зависниците да престанат да користат дрога. Тие всушност престануваат да користат дрога за период од една недела“, вели Ѓувен.

Меѓу нештата кои се користат за детоксикација на организмот на зависниците, покрај останатото, е вклучена и сауна-терапијата. Третманот, покрај релаксирачкиот ефект, го подобрува и кардиоваскуларното здравје.

„Следниот најважен дел е 65-дневната обука, која се фокусира на внатрешните чувства и мисли на зависниците. Тоа всушност им помага целосно да се приспособат на сегашниот живот“, додава тој.

Ѓувен потенцира дека програмата „Нарконон“ особено става акцент на враќањето на самодовербата кај зависниците. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.