Nilay Kar
25 Март 2019•Ажурирај: 25 Март 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Властите на Република Турција негодуваа и изразија загриженост поради најавите на лидерите на некои земји дека ќе ги преместат нивните амбасади во Израел од Тел Авив во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Преместувањето на амбасадите од Тел Авив во Ерусалим беше една од темите на вчера одржаното Годишно заседание на Американско-израелскиот комитет за јавни работи (AIPAC).
„Загрижени сме од неодговорните изјави на лидерите на одредени земји на вчерашната конференција во Вашингтон“, наведе во соопштението портпаролот на турското Министерство за надворешни работи, Хами Аксој.
Аксој нагласи дека преместувањето на амбасадите во Ерусалим претставува грубо кршење на меѓународното право.
„Меѓународната заедница и ОН јасно ја отфрлија израелската анексија на Ерусалим“, наведува Аксој и додава дека и во резолуциите на ОН јасно се наведува дека блискоисточното прашање може да се реши исклучиво со основање независна палестинска држава во границите од 1967 година, и со Источен Ерусалим како главен град.
Во соопштението понатаму се повикуваат сите земји да се придржуваат на резолуциите на ОН за Ерусалим и да го почитуваат нивниот историски и правен статус.
Кон крајот на минатата година американскиот претседател, Доналд Трамп, го призна Ерусалим за главен град на Израел, а дополнително ја премести и Американската амбасада од Тел Авив.