Barış Gündoğan
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
АНКАРА (АА) - Како национална и меѓународна новинска агенција, Anadolu Agency (AA) во недела внимателно ќе ги следи и ќе ги известува медиумите и јавноста за текот и резултатите од локалните избори во Турција.
Како докажан брз и веродостоен сервис за информации, Anadolu Agency ќе ги објавува резултатите од локалните избори во Турција преку специјална програма и тоа на 13 јазици.
Корисниците на услугите на АА ќе имаат пристап до веродостојни и навремени изборни резултати на турски, англиски, арапски, француски, руски, македонски, БХС, албански, индонезиски, шпански, како и на двата дијалекти на курдски јазик.
Како и претходните изборни циклуси, АА ќе има пристап до резултатите од гласачките местa и директно ќе ги презентира како графикони и новости за корисниците низ целиот свет.
Резултатите од локалните избори со графикони и картографски прикази ќе бидат достапни и на интернет-страницата „secim.aa.com.tr“.
По објавувањето на резултатите, АА ќе ја запознае јавноста и со победниците на изборните трки за градоначалници во Турција.
Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Шенол Казанџи, изјави дека Агенцијата и претстојните локални избори ќе ги работи брзо и сигурно како што тоа го правела и во минатото.
„За тие потреби дополнително ја подобривме инфраструктурата. Резултатите од изборите директно од гласачките места ќе ги внесуваме во систем и ќе им ги сервираме на корисниците на нашите сервиси на 13 јазици“, изјави Казанџи.
Истакнувајќи дека во изминатите шест изборни процеси во Турција во потполност биле идентични резултатите што ги објавила АА и резултатите кои потоа ги објавила Изборната комисија, Казанџи изјави дека тоа ќе биде случај и овој пат.
„Сакам да нагласам дека наша обврска е нашата јавност да ја известуваме брзо и точно. Ја работиме својата работа и го чуваме угледот кој Anadolu Agency го ужива во целиот свет. Со чесна и професионална работа одговараме на сите неосновани напади на нашиот дигнитет и углед“, порача Казанџи.
Казанџи, исто така, изјави дека АА ги завршила сите подготовки за следење на локалните избори во Турција и додаде дека 2.250 медиумски куќи, како и целата светска јавност, со посредство на АА ќе го следат целиот изборен процес.