Kerem Kocalar
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) - Керем Коџалар - Прочуената баклава од турскиот град Газиантеп, кој е вбројан во мрежата на креативни градови на УНЕСКО, и овој Бајрам ќе се најде на трпезите во целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Газиантеп, мајсторите за баклава веќе ги почнаа подготовките за Рамазанскиот бајрам и го продолжија работното време од осум на 12 часа, а ангажираа и дополнителна работна сила, со цел баклавата да биде подготвена навреме.
Во минатите години, баклавата се испраќаше низ цела Турција, а од оваа година почнаа да доаѓаат и нарачки од странство.
Производителите кои работат на екстремно високи температури на воздухот, овој надалеку прочуен десерт ќе го испратат во земјите на Блискиот Исток, но исто така и во европските земји.
Левент Акташ, член на Управниот одбор на компанијата „Ayintap baklava“ (Ајинтап баклава), вели дека мајсторите го зголемиле производството за време на Рамазан, посебниот месец за муслиманите.
„Баклавата ја испраќаме во сите делови на Турција. Кога станува збор за странство, испраќаме во Катар, Саудиска Арабија, Германија, но и во САД. Накратко, баклавата ја испраќаме до сите делови на светот, до каде што може да се испрати по карго“, рече Акташ.
Според неговите зборови, она според коешто баклавата од Газиантеп се разликува од другите се ф'стаците, квалитетот на маслото и дебелината на корите.
Мајсторот за баклава, Бурхан Чагдаш, вели дека подготовувањето на овој десерт бара големо внимание и вештина.
Чагдаш додава дека побарувачката на баклава за време на бајрамот е поголема.
„Во производствениот погон воведовме дополнителни смени, мајсторите работат без престан. Како што се приближува Бајрам, има сѐ повеќе и повеќе работа“, вели Чагдаш.
Тој потсети дека рецептот по којшто се подготвува оваа баклава е ист веќе неколку века.
„Не може да се смени соодносот на ф’стаците, маслото и брашното. Маслото што се користи и мирисот на ф’стаците се важна карактеристика на нашата баклава“, рече Чагдаш, кој додаде дека маслото го земаат само во одредени периоди од годината и од одредена област.