Kaan Bozdoğan
05 Мај 2022•Ажурирај: 06 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган зборуваше со лидерите на 21 земја и со шефот на ОН за време на Рамазан, светиот месец за муслиманите, известува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, се состанаа во главниот град на Турција, Анкара, на 25 април. Тие ја потврдија нивната заедничка цел за ставање крај на војната во Украина што е можно поскоро.
За време на Рамазан, Ердоган одржа три телефонски разговори со Гутереш и рускиот претседател Владимир Путин, два со израелскиот претседател Исак Херцог и еден со австрискиот премиер Карл Нехамер.
Ердоган дискутираше за широк спектар прашања со лидерите, особено за билатералните односи, војната на Русија со Украина и регионалните прашања.
Во неговиот телефонски разговор со Путин, турскиот лидер рече дека продолжувањето на позитивниот моментум постигнат во истанбулските разговори е во интерес на сите.
Со бугарскиот, финскиот, казахстанскиот и српскиот колега тој дискутираше за билатералните односи и регионалните случувања.
Исто така, турскиот претседател оствари 17 телефонски повици со светските лидери за време на празникот Рамазан бајрам.
Претседателот Ердоган го прими Масур Барзани, премиерот на ирачката Регионална курдска влада (КРГ), во палатата Долмабахче на 15 април.
Реагирајќи на тековните прекршувања во Џамијата „Ал Акса“ во Кудс, Ердоган спроведе интензивна дипломатија за да ги запре израелските напади во окупираниот град од 17 до 19 април.
Тој одржа телефонски разговори со палестинскиот претседател Махмуд Абас, кралот на Јордан, Абдула Втори и со израелскиот претседател.
На 28 април Ердоган ја посети Саудиска Арабија на иницијатива на саудискиот крал Салман бин Абдулазиз ал Сауд.
Како дел од дводневната посета, разгледани се односите помеѓу Турција и Саудиска Арабија, а двајцата лидери разговарале и за можностите за унапредување на соработката меѓу двете земји. За време на состаноците разменети се мислења за билатералните односи како дел од регионалните и меѓународните прашања.
На 30 април, Ердоган зборуваше со султанот на Оман, Хајтам бин Тарик и со емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани по телефон.