Ahmet Bayram
21 Февруари 2023•Ажурирај: 22 Февруари 2023
АДИЈАМАН (АА)
- АХМЕТ БАЈРАМ
Шереф Ѓочер (56), чија куќа беше оштетена во земјотресот, а 11 негови роднини загинаа во Адијаман, каде потресите предизвикаа големи разорувања, учествува во активностите за помош во шаторската населба поставена на атлетскиот стадион Егричај, откако го испратил своето семејство во Коџаели, пишува Анадолу.
Ѓочер, кој е ценет поради неговите напори, кај жителите на шаторската населба е познат како „даји“ (вујко).
Во одредени точки на градот се поставени шаторските населби во обид да се залечат раните на преживеаните од разорните земјотреси со епицентар во турската област Кахраманмараш, што се опишани како „катастрофа на векот“.
Шереф Ѓочер, кој работи како доброволец во шаторската населба во која се сместени 5.300 луѓе во 550 шатори на теренот на атлетскиот стадион Егричај, што ги поставија тимовите на Баталјонот за специјални операции на жандармеријата од Тунџели, го привлекува вниманието со својата посветеност да помогне да им биде доставена пристигнатата помош на преживеаните од земјотресот.
Ѓочер, чија куќа беше оштетена во земјотресот и загуби 11 свои роднини, како волонтер се приклучи во добротворните активности во градот откако го испрати своето семејство кај роднините во Коџаели. Ѓочер, освојувајќи ги срцата на преживеаните од земјотресот со својата услужливост и насмеано лице, во шаторската населба на атлетскиот стадион Егричај е познат како „даји“.
Зборувајќи за Агенција Анадолу (AA) дека земјотресот ја оштетил и неговата куќа во Јени Махале, Шереф Ѓочер рече дека останал во Адијаман за да им помогне на настраданите од земјотресот, не осврнувајќи се на сопственото страдање.
Истакнувајќи дека во првите два дена од земјотресот со војниците разнесувал помош во селата, Ѓочер рече: „Беше тешко да се стигне до снежните места, помошта ја носевме на грб со војниците. Потоа помошта во облека, храна и вода веќе една недела се обидуваме да им ја поделиме на преживеаните кои се сместени тука во шаторската населба.“
Изразувајќи благодарност до Алах што го спасил неговото семејство, Ѓочер рече:
„Меѓутоа блиски роднини, децата на сестра ми, мажот на сестра ми, синовите на чичко ми и нивните деца починаа. Ги закопавме и дојдов. Јас погребав 11 мои роднини, но покрај тоа, имаме уште 5-10 погреби. Иако и јас сум еден од преживеаните, не ми прилега да си одам од тука, да бегам. Овие војници, овој народ, дојден е тука за да ни служи. Потребно е и ние да им помогнеме на некој начин. Потребно е да допреме до целиот наш народ кој е погоден од земјотресот, колку што можеме.“
Кажувајќи дека сите во шаторската населба го познаваат, Ѓочер продолжи со зборовите:
„Во шаторската населба речиси сите ме знаат, ме викаат „даји“. И јас сум еден од настраданите во земјотресот, но има многумина кои се поголеми жртви од мене… Морам прво да потрчам на нив да им помогнам. Затоа што на некој начин, ако добијам парче леб, можам да го изедам. Но, има мали деца по шаторите... Приоритет треба да ни бидат децата. Кога сум гладен, можам да одам пред некој шатор и да побарам леб, што ќе ме засити. Но, даваме сѐ од себе за да се погрижиме децата да не станат жртви.“
Посочувајќи дека работат со интензивно темпо, Ѓочер рече: „Ги растоварам материјалите од камионите, било вода или храна. Денеска на пример дојде овошје, го истоваривме од камион, почнавме со дистрибуција. Се обидовме да го распределиме колку што е можно секому подеднакво.“