Tuba Onğun
21 Февруари 2023•Ажурирај: 23 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Турската авиокомпанија „Турк Хава Јолари (THY)“ евакуираше речиси 300.000 луѓе од подрачјата погодени од земјотресите на југот на Туркије, пренесува Анадолу.
Јахја Устун, виш потпретседател за односи со медиумите во „Турк Хава Јолари“, на Твитер објави дека досега реализирале 1.646 летови, со кои се евакуирани 296.819 граѓани.
Тој додаде дека авиокомпанијата со 1.667 летови превезла спасувачки тимови и хуманитарен персонал.
„Со 208 карго летови превезовме 12.498 тони помош“, рече Устун.
Авиокомпанијата денес планира да евакуира 14.454 луѓе од регионот.
„Бесплатните резервации за нашите летови за евакуација ќе продолжат до 1 март“, додаде Устун.
Повеќе од 42.000 луѓе загинаа, а повеќе од 100.000 беа повредени во двата силни земјотреси што ја потресоа јужна Туркије на 6 февруари.
Два нови земјотреси со јачина од 6,4 и 5,8 степени според Рихтеровата скала синоќа ја погодија турската област Хатај. Најмалку шест лица загинаа во овие земјотреси.