Murat Temizer
22 Април 2021•Ажурирај: 23 Април 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за енергетика и природни ресурси на Турција, Фатих Донмез, соопшти дека во Турција пристигнал бродот Ертугрул Гази, кој во турскиот поморски регистар е заведен како прв брод за пловечко складирање и гасификација на течен природен гас (LNG), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Донмез, во објавата на својот профил на социјалната мрежа Твитер, наведе дека „Ертугрул Гази“ е првиот брод за пловечко складирање и гасификација на течен природен гас на кој е подигнато турско знаме.
Наведувајќи дека бродот е закотвен во пристаништето во Дортјол за потребите на процесот на сертификација, министерот Донмез истакна: „Нашиот брод, кој ќе биде пуштен во употреба по тестирањето, ќе придонесе за безбедноста на снабдувањето со природен гас во нашата земја.“
- 28 милиони кубни метри капацитет за гасификација на ден -
Бродот „Ертугурл Гази“ е долг 295 метри, широк 46 метри и има висина од 63 метри.
Овој брод кој минатата година е изграден во Јужна Кореја, со капацитет за дневна гасификација од 28 милиони кубни метри, е еден од бродовите со најголем капацитет во светот.
Бродот има капацитет за складирање течен природен гас од 170.000 кубни метри.
Турција со инвестициите за складирање на природен гас и пловечко складирање и гасификација на течен природен гас, цели на годишно ниво да складира 10 милијарди кубни метри гас, што одговара на 20 % од годишната потрошувачка на природен гас на земјата.