Husamedin Gina
26 Септември 2019•Ажурирај: 27 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во Скопје се одржува Меѓународна конференција на тема „Што е ново на пазарите на електрична енергија во земјите на Југоисточна Европа“, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓународната конференција ја отвори Ева Шуклева, генералната директорка на Македонски електропреносен систем оператор (МЕПСО).
Шуклева во своето обраќање истакна дека во земјава при крај е долготрајниот комплексен процес – структурна реформа на електроенергетиката, чија крајна цел е целосна либерализација и воспоставување организиран пазар на електричната енергија.
„Процесот на либерализација беше сложен и течеше во неколку фази непрекинато од мај 2008 година, кога првпат се даде право на квалификувани потрошувачи да купуваат енергија по пазарни цени. Низ различни фази на либерализација, со поддршка од сите надлежни инстанци, низ годините досега се стигна до состојба во која учесниците ги почувствуваа придобивките од пазарните цени, од конкурентноста“, нагласи Шуклева.
Истакнувајќи дека низ годините е создаден солиден квантум на материјал за тргување, Шуклева рече дека веќе во земјата има искусни учесници на пазарот и дека сега е вистински момент да се стартува со организираниот пазар на принципот „тргување ден однапред“ или популарниот „деј ахед“.
На Меѓународната конференција учество ќе земат претставници на МЕПСО, на Националниот оператор на пазарот на електричната енергија МЕМО, ЕВН Македонија, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), претставници на берзите за електрична енергија од Словенија, Бугарија и Грција, претставници на албанскиот електропреносен систем-оператор ОСТ, менаџери и претставници на компании за тргување и снабдување со електрична енергија од земјава и од соседството.
Учесниците на семинарот ќе се осврнат на прогнозите и очекувањата за развојот на македонскиот пазар на електрична енергија, неговата интеграција во регионалниот пазар и за новите трендови во Југоисточна Европа.
Меѓународната конференција се одржува во организација на новинска агенција специјализирана за енергетика „Енергетика.НЕТ“ од Словенија.