Merve Berker
27 Јули 2023•Ажурирај: 29 Јули 2023
АНКАРА (АА) – Првата дама на Туркије, Емине Ердоган, денес претседаваше со првиот состанок на Советодавниот одбор на Обединетите нации (ОН) за нула отпад, јавува Анадолу.
Насочувајќи го вниманието кон фактот дека на планетата ѝ е потребно сè повеќе време сама да се опорави од еколошките проблеми, Емине Ердоган рече дека отстранувањето на отпадот надвор од границите на една земја не го елиминира проблемот.
„Можно е системот да се поправи само со заеднички напор“, рече таа, додавајќи дека Анкара го направила тоа со својот проект „Нула отпад“.
„Нашата стапка на опоравување, која беше 13 отсто пред пет години, достигна 27,2 отсто за кратко време и 30 отсто во 2022 година“, рече таа. „Наша цел е да достигнеме 65 отсто до 2035 година.“
„Со овие придобивки заштитивме земјиште со големина од 2.000 фудбалски игралишта. За една година ги заштитивме нашите води еквивалентни на потребите за вода на над 2 милиона семејства.“
„Обезбедивме заштеда на енергија еднаква на енергетските потреби на повеќе од 200.000 семејства за една година. Во исто време, понудивме нови можности за вработување на илјадници наши граѓани“, истакна таа.
Наведувајќи дека климатската криза не признава никакви граници, Емине Ердоган рече дека Анкара е подготвена да ги сподели своите искуства со другите.
- Подигнување на глобалната свест -
Првата дама на Туркије потсети дека Глобалната декларација на добра волја за нула отпад, која претставува прв чекор кон институционализација на целта за „Нула отпад“ на глобално ниво, е отворена за потпишување кај генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во септември минатата година.
Потсети и дека едногласно е усвоена и резолуцијата за нула отпад поднесена од Туркије до Генералното собрание на ОН. Во контекст на резолуцијата 30 март е ден посветен на движењето за „Нула отпад“.
„Како уште еден резултат од одлуката, формиран е и Советодавен одбор на личности на високо ниво за „Нула отпад“, а тоа е причина поради која денес се состануваме овде“, рече таа.
„Во соработка со Програмата за животна средина на ОН и ОН-Хабитат имаме цел да ја зголемиме свеста на глобално ниво преку ширење на најдобрите практики и успешни приказни за нула отпад.“
- Светски награди за нула отпад -
На 30 март секоја година треба да има церемонија наречена Светски награди за нула отпад, предложи Ердоган, и додаде дека на тој датум треба да се посвети поголемо внимание и на дневниот ред поинтензивно да се стави прашањето за нула отпад.
„Додека ја шириме оваа практика, треба да ја зајакнеме и меѓународната и локалната правна инфраструктура за поддршка“, рече таа.
Напоменувајќи дека одлуките за „Нула отпад“ треба да ги применуваат земјите членки на ОН, Емине Ердоган истакна дека од витално значење е овие одлуки да се применат во практика, особено од поединци.
„Треба да ја зајакнеме нашата соработка со ОН и нејзините поврзани организации, како и регионалните организации, како што се Европската Унија, Туркискиот совет и Африканската унија“, заклучи таа.