Bayram Altuğ
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
ЖЕНЕВА (АА) – Мисијата на Обединетите нации во Либија (UNSMIL) соопшти дека „силно ги осудуваат“ вчерашните напади врз пристаништето во Триполи извршени од страна на милициите на Калифа Хафтар, лидерот на нелегитимните вооружени сили на истокот на Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мисијата на Обединетите нации во Либија (UNSMIL) објави писмено соопштение откако легитимната Влада за национално единство (UMH) го суспендира своето учество на состанокот на Воениот комитет во Женева, планиран во формат 5 + 5, како резултат на вчерашните напади врз пристаништето во Триполи.
Изразувајќи ја надежта дека средбите во формат 5 + 5 ќе започнат повторно, Мисијата на Обединетите нации во Либија упати остра реакција за нападите на Хафтар врз пристаништето во Триполи.
„Би сакале да изразиме дека силно го осудуваме бомбардирањето на пристаништето во Триполи“, се истакнува во соопштението на УНСМИЛ.
Мисијата на Обединетите нации во Либија исто така истакна дека треба да се стави крај на тензиите и провокативните активности, особено во зоните на конфликтот.
Мисијата ги повика сите страни да започнат дијалог во Либија за да се стави крај на кризата.
Од друга страна, портпаролот на УНСМИЛ, Жан ел Алам, во изјавата за дописникот на АА рече: „Потврдувам дека делегацијата на Владата за национално единство (UMH) го суспендирала учеството на состаноците на Воениот комитет во формат 5 + 5.“
Ел Алам не сакаше да ја коментира судбината на разговорите во Женева.
- Владата за национално единство го прекина учеството на состаноците на Воениот комитет -
Во вчерашната изјава од Претседателскиот совет на УМХ, беше објавено дека тој нема да учествува на состаноците на Воениот комитет што се одржува во Женева сѐ додека не се земе решителен став за напаѓачите (милициите на Хафтар).
Првиот круг од состаноците на Заедничкиот воен комитет во формат 5 + 5, кој започна на 3 февруари во Женева, Швајцарија, заврши на 8 февруари.
Три цивили го загубија животот, а пет се повредени во двата напада со ракети врз пристаништето во Триполи изведени вчера од страна на милицијата поврзана со Хафтар.