Zeynep Rakipoğlu,Elif Küçük
06 Март 2022•Ажурирај: 07 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија треба да им даде вистинска шанса на преговорите што ќе доведат до позитивни резултати на теренот, порача портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Калин за новинарите во турската метропола Истанбул изјави дека судирите на теренот не треба да продолжат и да дозволат понатамошна деструкција поради руската војна против Украина.
„Не треба да продолжи понатамошната деструкција и потребно е да се овозможи конкретен резултат на преговарачката маса, што попозитивно ќе влијае на реалноста на теренот“, рече тој.
„Пораката што сакаа да ја дадат е дадена“, изјави Калин, истакнувајќи дека руската страна треба да им даде вистинска шанса на преговорите.
Осврнувајќи се на дипломатските напори на Турција за ставање крај на војната, Калин ги наведе интензивните контакти на Министерството за надворешни работи на Турција, на турските претставници и телефонските разговори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Потсетувајќи на одделните телефонски разговори на Ердоган во петокот со украинскиот претседател Владимир Зеленски и со британскиот премиер Борис Џонсон, Калин рече дека разговорите продолжија во саботата со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, и со канадскиот премиер Џастин Трудо.
„Во недела тој [Ердоган] ќе има телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин и ние ќе продолжиме да ги даваме нашите пораки“, додаде Калин.
Војната на Русија против Украина предизвика гнев кај меѓународната заедница, а ЕУ, Велика Британија и САД, меѓу останатите земји, воведоа низа економски санкции кон Москва.